Пелистер со неколку првотимци и младинци ги започна подготовките за новата сезона! 

Поранешниот македонски ракометен шампион Пелистер конечно ги започна подготовките за новата натпреварувачка сезона, во која покрај во домашниот шампионат ќе се натпреварува и во Купот на ЕХФ. 

„Зелено-белите“ со само неколку првотимци и голем дел на ракометари од младинскиот погон вчера ги „запалија моторите“, а првиот собир го одржа тренерот на младинците Александар Зарков.

Од ланскиот ростер само битолчаните Иван Димитровски, Мартин Јовановски, Стефан Дрогришки, Васко Димитровски и Кире Митревски беа присутни на првата прозивка, која се одржа во салата „Боро Чурлевски“. 

Пелистер сè уште нема расчистено со својата иднина. Веќе подолго време се преговара на релација Општина Битола и Еурофарм за купување на акциите, но иако се очекуваше дека овој договор е завршена работа, до ден-денес нема потврда од двете страни.