Пелистер претплатен за трилер-мечеви, овој пат во Битола падна Бутел

Екипата на Пелистер преживеа уште еден трилер-меч во низа, но овој пат го освои целиот плен. Битолскиот тим по реми натпреварите со Еурофарм Работник и Пролет, вечерва пред својата публика одигра нов неизвесен и атрактивен натпревар против Бутел, кој на крај успеа да го добие со минимални 29-28. 

По двата нереализирани напади на Вук Перовиќ, бутелци сигурно казнија и поведоа со 0-3. Битолската публика на својот прв погодок чекаше седум минути, откако левиот бек Маџовски, намали на 1-3. Но, лошата игра на пелистерци продолжи и гостите стигнаа до позитива од 1-5, по што Јошко Петковиќ мораше да реагира со минута одмор. 

Советите од искусниот стратег како да ги разбудија битолските ракометари, кои преку Поповиќ, Кобетиќ и Дрогришки намалија на -1 (4-5), за потоа со двата гола на црногорскиот репрезентативец за првпат и да поведат со 7-6. Сепак, „зелено-белите“ не успеаја да го задржат тоа темпо и повторно играта им ја препуштија на гостите, кои речиси и да не погрешија, за на полувреме да се замине со предност на Бутел од 13-16. 

На стартот на вториот дел се играше израмнет ракомет, сè до 40. минута, кога Маџовски по одличен влез како десен бек израмни на 19-19. Сепак, следеше позитивна серија на Пелистер, која на крај резултираше со минимална победа од 29-28. 

Стефан Дрогришки и Милан Поповиќ со по осум гола и Борјан Маџовски кој додаде шест беа најефикасни кај победничкиот тим. Горан Печенковски со седум и Мирко Мајиќ со шест гола беа најпозитивни кај поразениот Бутел. 

Денес се одигра уште еден натпревар од 12. коло на машката ракометна Суперлига на Македонија, во кој тимот на Струга со убедливи 37-27 го среди тимот на Радовиш и го зачува шансите за пласман меѓу четирите места кои водат во плеј-офот. 

Ненад Костески со десет и Александар Тренчевски се девет погодоци беа најефикасни кај Струга, а Ивица Илиев постигна десет и Кристијан Ристов седум гола, како најефикасни меѓу радовишани. 

Во дербито на дното, Прилеп го изненеди Вардар Јуниор и го совлада пред своите гледачи со 25-22 (13-12). Александар Бозароски со 13 гола беше најзаслужен за победата на домашната екипа. Никола Цветановски со пет гола единствен одигран на ниво во поразениот табор на Вардар Јуниор. 

Суперлига
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 Еурофарм РаботникЕурофарм Работник 18 17 1 0 622:392 230 52
2 ПелистерПелистер 18 13 2 3 579:473 106 41
3 Бутел СкопјеБутел Скопје 18 13 0 5 521:412 109 39
4 Пролет 62Пролет 62 18 12 1 5 551:456 95 37
5 Охрид 2013Охрид 2013 18 11 0 7 527:463 64 33
6 СтругаСтруга 18 9 1 8 481:457 24 28
7 РадовишРадовиш 18 5 0 13 559:610 -51 15
8 Вардар ЈуниорВардар Јуниор 18 4 0 14 451:549 -98 12
9 ПрилепПрилеп 18 3 1 14 429:597 -168 10
10 ГРК БорецГРК Борец 18 0 0 18 396:707 -311 0