Белевска со 15 гола донесе прв бод за Пелистер, очекувана победа на Куманово

Ракометарките на ЖРК Пелистер го освоија првиот бод сезонава на домашниот натпревар против ЖРК Ѓорче Петров (31-31).

Битолчанки конечно го променија бодовното салдо по осум натпревари во новата сезона. „Зелено-белите“ добро започнаа и постојано имаа минимална позитива. На пауза заминаа со 16-15, а до крајот и двата тима беа во игра за победата.

Пелистерки имаа два гола во своја корист во пресрет на последните десет минути. Но, на крај немаа сили да ја остварат првата победа. За домашната екипа одново прво име беше Анастасија Белевска со 15 погодоци. Нејзината одлична партија не беше доволна за Пелистер да слави на денешната средба.

На првиот денешен натпревар ЖРК Куманово победи на теренот на ЖРК Стружанка (25-34). Лидерот немаше проблеми и стигна до скор од 11 победи, едно реми и ниту еден пораз. Тоа е доволно за убедлива предност на врвот на првенствената табела.

Гостите ја оправдаа фаворитската улога, а најефикасна во триумфот беше Трајковиќ со седум погодоци.