Пелистер избегна нов дебакл и во финишот ги „скрши“ младите вардарци

Екипата на Пелистер ја запиша првата гостинска победа и за првпат во новата сезона успеа да врзи два триумфи во низа. По лесните бодови на свој терен против Борец, вечерва „зелено-белите“ потешко од очекуваното славеа на гостувањето кај Вардар Јуниор со 30-34 (19-16)

Младите вардарци без нималку респект кон фаворитот го започнаа вечерашниот дуел и со брз ракомет, веднаш резултатски се одлепија и поведоа со 3-0. Српскиот лев без Зејак ја прекина црната серија и го постигна првиот гол за гостинската екипа за 3-1. Лошата игра на пелистерци продолжи, а по промашениот зицер на Чантурија, Вардар Јуниор поведе со 5-2, а потоа со првиот гол на Димитровски и со 7-4. 

Кризата на „зелено-белите“ го зафати и најдобриот ракометар оваа сезона, Милан Поповиќ, кој промаши пенал, но габонското засилување Табанге  со голот-првенец намали на 8-5. Потоа погоди и Маџовски за прво израмнување на мечот (11-11). Сепак, домаќините со нова серија на голови ја вратија позитивата, а со двата гола на Димитровски од позиција на втор кружен напаѓач, стигнаа до комотни 19-16 на полувреме. 

Ниту на стартот на вториот дел работите не се променија во малата сала во „Јане Сандански“, вардарци продолжија со квалитетната игра и константно го одржуваа водството од три гола. Сепак, црногорското десно крило Поповиќ и да вечерашниот натпревар покажа дека е најдоброто летно засилување на битолчани и со два брзи гола кон средината на вториот дел донесе ново израмнување за Пелистер (25-25), додека капитенот Васко Димитровски погоди за прво битолско водство со 25-26. Избраниците на Атанасовски конечно заиграа поквалитетно, ја презедоа контролата врз играта и со серија од четири гола се одлепија на 25-29, за на крај да слават тешка победа од 30-34.  Во редовите на Пелистер најпрецизен беше Черубин Табанге  со осум гола, додека прв стрелец на мечот беше вардарецот Крстевски со девет погодоци.

Паралелно со натпреварот во Скопје се играше и дуелот во Струга, помеѓу истоимената екипа и тимот на Прилеп, на кој гостинските ракометари приредија изненадување и за дома се враќаат со голем бод (23-23). Стружани уште од самиот почеток го имаа водството на своја страна, во еден момент изнесуваше и пет гола, но во финишот тотално потфрлија, не постигнаа гол повеќе од пет минути и Прилеп соодветно казни за конечни 23-23. Херој на прилепчани беше Бозароски кој постигна девет погодоци, додека кај домашната екипа се истакнаа Костески и Цителишвили со по четири гола.