Пелагониското дерби за битолчани, Еурофарм Пелистер 2 е есенски хит!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја оправдаа улогата на хит во првиот дел на шампионатот на Македонија во ракомет. Во дуелот од последното есенско коло во Битола падна Прилеп со 34-26 (18-13), со што најмладиот суперлигаш презими на четвртото место, со само еден бод помалку од третопласираниот Бутел. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп: 

Дуелот започна израмнето и со многу грешки, па по 4-4 домашната екипа започна да игра подобра одбрана. Благојче Трајкоски се разбрани, лесни голови од транзиција постигнаа Ѓоргоски и Павле Атанасијевиќ и брзо на семафорот стоеше 12-8. Горан Кузманоски повика минута одмор да го разбие ритамот на домаќините, но наместо тоа Арсеновски со неколку гола ја зголеми предноста.

Реваз Чантурија го одржуваше Прилеп во натпреварот, но прилепската одбрана прими премногу голови и на одмор се замина со високи 18-13 за пелистерци. 

Првите пет минути од вториот дел започнаа фуриозно за домаќините. Со серија 4-1 предноста стана недостижна и дефинитивно се „прекрши“ натпреварот. Браќата Атанасијевиќ, Васко Димитровски и Петровиќ ја полнеа мрежата на Ѕинѕадсе и Кузманоски повика тајм-аут на половина од вториот дел. Следеше ревијален финиш, домаќин ја одржа предноста и запиша победа од 34-26.

Најефикасен во тимот на Еурофарм Пелистер 2 беше Ѓорговски со седум гола, додека кај Прилеп се истакна Чантурија со пет погодоци.

Ракомет – Суперлига (16. коло)
Еурофарм Пелистер 2 – Прилеп 34-26 (18-13)

Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 500
Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски 

Еурофарм Пелистер 2:
Б. Трајкоски, Јовановски, Кузманоски 1, Буторац 1, Пав. Атанасијевиќ 4, В. Димитровски 3, Петровиќ 3, Димитриоски 1, И. Димитровски, Талевски, Стоилевски 3, Пет. Атанасијевиќ 3, Ѓорговски 7, Белистојановски 4, Арсеновски 3, Блажевски 1
Седмерци: 1/0
Исклучувања: 10 минути

Прилеп:
Ѕинсадзе, Ангелески, Тренчевски 1, Дамчески, Бикоски 3, В. Трајкоски 4, Х. Павлов 3, Шокоски 4, Бурчески, Лозаноски 1, Чантурија 5, Милошески 3, С. Павлов, Христоски, Гавашелишвили 1, Андоноски 1
Седмерци: 7/4
Исклучувања: 4 минути