Пеколна најава за сезоната: Алкалоид го совлада Вардар!

Алкалоид по освоениот трофеј во Купот на Македонија како и во Суперкупот имаше одлична увертира на новата сезона. „Сините“ во Автокоманда го победија Вардар 1961 (33-30) во рамки на празничното градско дерби во првата рунда и најавија дека оваа сезона македонскиот шампионат ќе биде супер-интересен. Тимот на Кирил Лазаров одигра доста зрел и паметен натпревар, а главната разлика која донесе триумф ја направи во второто полувреме кога влезе во серија и постигна четири гола во серија кои потоа константно ги одржуваше. Дуелот во „Автокоманда“ беше вистинска битка на скопските ривали, во која љубителите на ракометот уживаа од првата до последната минута.

  • Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Вардар 1961:

Натпреварот меѓу двата скопски ривали се играше доста израмнето. Со Митев како главна фигура во нападот кај Алкалоид, а на спротивната страна бековите Хориха и Маргели, двата тима имаа резултатска бркотница на стартот. За првпат на плус два замина Алкалоид со гол на Костески (6-4), потоа и Џонов (7-5), но во продолжението на мечот преку брзи контри и Срдановиќ, Вардар израмни на 9-9. Израмнетата игра продолжи и понатаму. Двата тима резултатски се бркаа, во 25. минута беше 13-13, пред крајот на првиот дел и 17-17, а со десет секунди на семафорот, во мрежата на вардарци погоди Костески за 18-17 на паузата. Одличен прв дел имаше и Лазаревски за Вардар, кој дојде до бројката од пет гола.

Израмнето тргна и второто полувреме, се до 21-21, кога Алкалоид влезе во серија. „Сините“ од Автокоманда со голови на Митев, Костески и Ѓоргиев заминаа на 24-21 и тоа беше знак за тајм-аут на Владо Недановски. Но и паузата не донесе гол за Вардар, на спротивната страна Алкалоид изнуди пенал, кој Костески го претвори во гол за 25-21 во 40. минута. Во периодот кој следеше Вардар преку Лазаревски и Крсманчиќ ја преполови негативата (26-24), разликата од два гола стоеше на семафорот и на пет минути пред крајот (30-28), но Алкалоид со паметен напад не дозволи кам-бек на ривалот и драматичен финиш.

Најдобри стрелци кај победникот беа Мартин Серафимов и Марко Митев со по осум гола, а ги следеше Никола Костески со шест гола. Кај Вардар 1961 се истакна Милан Лазаревски со шест гола, пред Димитро Хориха со пет реализации.

Во следното коло од македонската Суперлига која оваа година се игра во нов систем и брои 12 екипи, Вардар 1961 на домашен терен ќе се соочи со новиот суперлигаш Борец Фруитленд, додека Алкалоид повторно во домашен дуел игра со Радовиш. Мечевите од втората рунда се играат следниот викенд.