Пејовиќ: Искуството е на наша страна, ама судорот со Бутел ќе го одлучуваат нијанси

 По тешкиот пораз на гостувањето во Битола од Еурофарм Пелистер, ракометарите на Пролет утре ќе ја имаат првата шанса да им се вратат на победите во Суперлигата. Момците на Андон Бошковски пред себе ќе го имаат тимот на Бутел кој е во низа од две победи во шампионатот. Скопскиот суперлигаш во последните сезони е ривал на Пролет во борбата за висок пласман, а тоа е случај и оваа сезона, бидејќи по десет комплетирани кола двете екипи се наоѓаат на делба на четвртата позиција со по 21 освоен бод.

Жарко Пејовиќ вели дека ракометарите се свесни за тежината на натпреварот, против ривал што секогаш го одликува цврста игра во одбраната против која редовно се постигнуваат мал број на погодоци. 

„Натпреварите со Бутел секогаш се тешки и полни со набој, желба за победа на двата тима. И Тинекс Пролет и Бутел имаат големи амбиции, сакаат да бидат веданш зад Вардар и Пелистер. Бутел игра многу цврста одбрана, овој тим е многу агресивен, а сега и со Чаневски на голот е уште потешко да се најде патот до мрежата. Секако дека и ние имаме свои предности, пред се мораме уште еднаш да докажеме дека сме екипа која знае како да игра и да победува тешки натпревари, нешто што во повеќе наврати го докажавме минатата сезона. Искуството е на наша страна, но ова ќе биде меч што ќе го одлучат нијанси, ќе се игра на една или на две топки... Кој ќе биде посконцентриран во тие клучни моменти на крајот ќе се радува на победата“, изјави Пејовиќ.

На последните пет одиграни меѓусебни мечеви скорот е израмнет, затоа што двете екипи имаат по две победи, а нивата последна пресметна заврши нерешено.