• Саше Љолес
Управата на австрискиот ракометен клуб Линц Аг потврди дека потпишала договор со Павле Петровиќ, кој ќе се приклучи на екипата за сезоната 2025/26.
Клубот веќе ги продолжи договорите со Андреј Климавец и Јадранко Стојановиќ, па така со трансферот на Петровиќ уште повеќе ќе се зголеми балканската „колонија“ во ростерот. Десниот бек на Еурофарм Пелистер се очекува да биде солидно засилување и најави дека е среќен што ќе ја продолжи кариерата во Австрија.
„Решив да се приклучам на Линц затоа што верувам дека тоа ќе биде одличен потег во мојата кариера. Го гледам клубот како средина во која уште повеќе можам да се развијам како играч.
Амбициите се големи и се совпаѓаат со моите замисли. Ќе се обидам да помогнам за подобри резултати и поголеми успеси, а се надевам дека и јас ќе го исполнам целиот мој потенцијал“, изјави Петровиќ.
Петровиќ настапуваше за Еурофарм Пелистер во изминатите две сезони и стекна големо искуство од домашната Суперлига, но и од Лигата на шампионите.
