Патот до петтото место на ЕП во Србија: Ремито со Шведска беше најава за историскиот успех (ВИДЕО)

Веќе подолг период ракометната репрезентација на Македонија е дел од елитата и редовен учесник на континенталните и планетарните собири. Сè започна во 1998 година, кога историската генерација предводена од Пепи Манасков за првпат ја претстави Македонија на светската ракометна мапа и учествуваше на  ЕП во Италија. 

Од тогаш, започнува македонската ракометна приказна, која од година во година, од генерација во генерација се усовршуваше и својот врв го достигна во 2012 година. Европското првенство во Србија засекогаш ќе биде врежано во македонските срца, не само заради историското петто место, туку и поради испуштената шанса за првпат да играме во едно полуфинале. 

На тој собир, нашите ракометари во Ниш, а потоа и во Белград се чувствуваа како дома. Трибините беа претесни за македонската фаланга, а Лазаров, Мојсовски, Миркуловски, Алушовски, Ангеловски, Темелков и останатите пулени на селекторот Звонко Шундовски изгинаа на паркетот и одиграа незаборавен турнир, кој уште долго време ќе се прераскажува.

Групната фаза во Ниш започна со сензација и реми против великанот Шведска (15 jaнуари 2012 година). Скандинавците како да нè потценија и оставија простор за Лазаров, Мојсовски и Алушовски да се разиграат, па во финишот беа приморани да се спасуваат од пораз. Капитенот на две минути до крајот на натпреварот погоди од пенал за македонско водство од 26-25, но дефанзивата не успеа да се одбрани во финишот и Шведска избегна пораз, 26-26 (13-14).

  • Најдобрите моменти од натпреварот Македонија – Шведска: 

На овој натпревар најпрецизни во македонскиот табор беа Алушовски и Лазаров со по седум гола, Мојсовски запиша пет, Стоилов три, а по два имаа Миркуловски и Темелков. 

Составот на Македонија против Шведска: 
Борко Ристовски, Петар Ангелов; Стевче Алушовски, Дејан Манасков; Златко Мојсоски, Влатко Темелков; Бранислав Ангеловски, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Кирил Лазаров, Влатко Митков; Ацо Јоновски, Велко Маркоски, Стојанче Стоилов.
Селектор: Звонко Шундовски