Патот до петтото место на ЕП во Србија: Миркуловски „изгина“, Чешка удри во македонскиот ѕид (ВИДЕО)

Веќе подолг период ракометната репрезентација на Македонија е дел од елитата и редовен учесник на континенталните и планетарните собири. Сè започна во 1998 година, кога историската генерација предводена од Пепи Манасков за првпат ја претстави Македонија на светската ракометна мапа и учествуваше на Европското првенство во Италија

Од тогаш, започнува македонската ракометна приказна, која од година во година, од генерација во генерација се усовршуваше и својот врв го достигна во 2012 година. Европското првенство во Србија засекогаш ќе биде врежано во македонските срца, не само заради историското петто место, туку и поради испуштената шанса за првпат да играме во едно полуфинале. 

На тој собир нашите ракометари во Ниш, а потоа и во Белград се чувствуваа како дома. Трибините беа претесни за македонската фаланга, а Лазаров, Мојсовски, Миркуловски, Алушовски, Ангеловски, Темелков и останатите пулени на селекторот Звонко Шундовски изгинаа на паркетот и одиграа незаборавен турнир, кој уште долго време ќе се прераскажува.

По ремито со Шведска и несреќниот пораз од еден гол од Германија, нашите момци против Чешка го играа натпревар да се биде или не на собирот. Чесите во првото коло ги изненадија Германците и се чинеше дека се сигурни патници во втората фаза, но во клучниот натпревар наидоа на разиграните момци на Шундовски. Лазаров повторно беше прв стрелец, но играч на натпреварот беше Миркуловски, кој со своите голови во најважните моменти ѝ донесе победа на Македонија од 21-27.

  • Најдобрите моменти од натпреварот Македонија – Чешка: 

На овој натпревар најпрецизни во македонскиот табор беа Лазаров со седум, Миркуловски пет, Темелков четири, Мојсовски три и по два постигнаа Алушовски, Ангеловски, Манасков и Стоилов.

Составот на Македонија против Германија: 
Борко Ристовски, Петар Ангелов; Стевче Алушовски, Дејан Манасков; Златко Мојсоски, Влатко Темелков; Бранислав Ангеловски, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Кирил Лазаров, Влатко Митков; Ацо Јоновски, Велко Маркоски, Стојанче Стоилов и Ванчо Димовски.
Селектор: Звонко Шундовски.