Патот до петтото место на ЕП во Србија: Германија едвај нè победи, па се радуваше како за медал (ВИДЕО)

Веќе подолг период ракометната репрезентација на Македонија е дел од елитата и редовен учесник на континенталните и планетарните собири. Сè започна во 1998 година, кога историската генерација предводена од Пепи Манасков за првпат ја претстави Македонија на светската ракометна мапа и учествуваше на Европското првенство во Италија

Оттогаш, започнува македонската ракометна приказна, која од година во година, од генерација во генерација се усовршуваше и својот врв го достигна во 2012 година. Европското првенство во Србија засекогаш ќе биде врежано во македонските срца, не само заради историското петто место, туку и поради испуштената шанса за првпат да играме во едно полуфинале. 

На тој собир нашите ракометари во Ниш, а потоа и во Белград се чувствуваа како дома. Трибините беа претесни за македонската фаланга, а Лазаров, Мојсовски, Миркуловски, Алушовски, Ангеловски, Темелков и останатите пулени на селекторот Звонко Шундовски изгинаа на паркетот и одиграа незаборавен турнир, кој уште долго време ќе се прераскажува.

По ремито со Шведска на отворањето на собирот, нашите ракометари пред себе имаа уште еден великан. Германија со Генсхајмер, Кауфман, Винчек важеше за голем фаворит на хартија, но мораше да се мачи 60 минути за да ја обезбеди првата победа на овој собир. Македонија одигра иште еден фантастичен натпревар, но повторно немаше среќа во финишот и загуби со минимални 24-23.

  • Најдобрите моменти од натпреварот Македонија – Германија: 

На овој натпревар најпрецизни во македонскиот табор беа Лазаров со седум и Стоилов со шест, па следуваа Мојсовски четири, Ангеловскии Манасков со по два, и Алушевски и Миркуловски со по еден гол. 

Составот на Македонија против Германија: 
Борко Ристовски, Петар Ангелов; Стевче Алушовски, Дејан Манасков; Златко Мојсоски, Влатко Темелков; Бранислав Ангеловски, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Кирил Лазаров, Влатко Митков; Ацо Јоновски, Велко Маркоски, Стојанче Стоилов и Ванчо Димовски
Селектор: Звонко Шундовски