• Горан Упале

Веќе подолг период ракометната репрезентација на Македонија е дел од елитата и редовен учесник на континенталните и планетарните собири. Сè започна во 1998 година, кога историската генерација предводена од Пепи Манасков за првпат ја претстави Македонија на светската ракометна мапа и учествуваше на Европското првенство во Италија.
Од тогаш, започнува македонската ракометна приказна, која од година во година, од генерација во генерација се усовршуваше и својот врв го достигна во 2012 година. Европското првенство во Србија засекогаш ќе биде врежано во македонските срца, не само заради историското петто место, туку и поради испуштената шанса за првпат да играме во едно полуфинале.
На тој собир нашите ракометари во Ниш, а потоа и во Белград се чувствуваа како дома. Трибините беа претесни за македонската фаланга, а Лазаров, Мојсовски, Миркуловски, Алушовски, Ангеловски, Темелков и останатите пулени на селекторот Звонко Шундовски изгинаа на паркетот и одиграа незаборавен турнир, кој уште долго време ќе се прераскажува.
Иако се чинеше дека болниот пораз од Данска ќе остави трага, избраниците на Шундовски брзо се созедоа и против Полска одиграа уште еден фантастичен натпревар. Кирил Лазаров повторно беше на нови и реализира девет гола, а таа вечер во Белград неверојатен беше Борко Ристовски, кој со 16 одбрани ѝ донесе голема победа на Македонија од 25-27 и беше избран за играч на натпреварот.
- Најинтересните моменти од натпреварот Полска – Македонија:
Кирил Лазаров со девет гола беше најпрецизен во македонскиот табор, по четири постигнаа Алушовски, Мојсовски и Темелков, два запиша Миркуловски, а по еден постигнаа Димовски, Филип Лазаров, Стоилов и Маркоски.
Составот на Македонија против Данска:
Борко Ристовски, Петар Ангелов; Стевче Алушовски, Дејан Манасков; Златко Мојсоски, Влатко Темелков; Бранислав Ангеловски, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Кирил Лазаров, Влатко Митков; Ацо Јоновски, Велко Маркоски, Стојанче Стоилов и Ванчо Димовски
Селектор: Звонко Шундовски