Патот до петтото место на ЕП во Србија: 13-ка за Лазаров, Данска ни го нанесе најболниот пораз во историјата (ВИДЕО)

Веќе подолг период ракометната репрезентација на Македонија е дел од елитата и редовен учесник на континенталните и планетарните собири. Сè започна во 1998 година, кога историската генерација предводена од Пепи Манасков за првпат ја претстави Македонија на светската ракометна мапа и учествуваше на Европското првенство во Италија

Од тогаш, започнува македонската ракометна приказна, која од година во година, од генерација во генерација се усовршуваше и својот врв го достигна во 2012 година. Европското првенство во Србија засекогаш ќе биде врежано во македонските срца, не само заради историското петто место, туку и поради испуштената шанса за првпат да играме во едно полуфинале. 

На тој собир нашите ракометари во Ниш, а потоа и во Белград се чувствуваа како дома. Трибините беа претесни за македонската фаланга, а Лазаров, Мојсовски, Миркуловски, Алушовски, Ангеловски, Темелков и останатите пулени на селекторот Звонко Шундовски изгинаа на паркетот и одиграа незаборавен турнир, кој уште долго време ќе се прераскажува.

По успешната прва фаза и победата над Чешка и ремито со Шведска, нашите ракометари позитивните вибрации ги пренесоа и во Белград. Во првото коло од главната групна фаза Македонија го имаше најголемиот испит, но и ја пропушти досега најголемата шанса во историјата за пласман во едно полуфинале. Избраниците на Звонко Шундовски одиграа неверојатен натпревар против данските ѕвезди, долго време го имавме водството на своја страна, но Хансен со 12 гола се разбуди во вториот дел и на Данска ѝ донесе голема победа од 33-32. При нерешен резултат, Македонија имаше напад, но Хвидт одбрани, а Линберг од контра погоди со звукот на сирената за дански триумф.

  • Најдобрите моменти од натпреварот Македонија - Данска:

Најпрецизен во македонскиот табор беше Кирил Лазаров со 13 гола, Стоилов постигна седум, Алушовски четири, Мојсоски три, Филип Лазаров два и по еден запишаа Маркоски, Миркуловски и Темелков.

Составот на Македонија против Данска: 
Борко Ристовски, Петар Ангелов; Стевче Алушовски, Дејан Манасков; Златко Мојсоски, Влатко Темелков; Бранислав Ангеловски, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Кирил Лазаров, Влатко Митков; Ацо Јоновски, Велко Маркоски, Стојанче Стоилов и Ванчо Димовски
Селектор: Звонко Шундовски