Пастор: Тешко се победува во Скопје, лесно можеше да биде нерешено

ПИК Сегед го „скрши“ малерот и за првпат по шест натпревари дојде до полн плен кај Вардар (26-28). Унгарскиот тим беше подобар во финишот кога се формира резултатот, за тоа е свесен и тренерот Хуан Карлос Пастор, кој по средбата истакна дека моментот кога ПИК Сегед дошол до предност се случила пресвртницата на мечот во СЦ „Јане Сандански“.

„За нас, ова се важни поени. Тешко е да се победува во Скопје, добро го знаевме тоа. Почнавме добро, но потоа имавме проблеми со пивотот во првиот дел. Исто така, немавме континуитет и немавме игра. Последните 20 минути го променивме начинот на игра во одбраната и во нападот, а најважен момент беше кога дојдовме до предност. Имаше доста тежок финиш, мечот можеше да заврши нерешено. Ова е важна победа за нас, сега се враќаме дома и пак се подготвуваме за Вардар, против кого сакаме да дојдеме до уште една победа и да бидеме подобри“, изјави Пастор.

ПИК Сегед фати победнички ритам во Лигата на шампионите и за тимот ова е втор триумф во низа. Унгарскиот вицепрвак е на петтото место на табелата во групата А, а следен меч повторно е со Вардар, ама на домашен терен.