Пастор: Работиме 24 часа на ден и во изолација, ние сме големо семејство

Иако делува многу далечен и прашање е дали и воопшто ќе се одигра, осминафиналето на Лигата на шампионите меѓу Вардар и ПИК Сегед е целта за која во изолација ракометарите на двете екипи се подготвуваат. Противникот на вардарци откри како функционира во период на изолација во Унгарија и неможност за заеднички тренинзи. 

Тренерот Хуан Карлос Пастор секојдневно комуницира и ја контролира групата.

„Комуницираме на телефон или преку социјалните мрежи. Секојдневно разговарам со повредените и ја следам нивната рекуперација. Сите во клубот се подготвени за работа 24 часа на ден, иако не сме во сала. Играчите прават сé што барам од нив и сакам да им се заблагодарам. Ние сме едно семејство. Ако сме обединети, ќе ја надминеме пандемијата и ќе можеме да живееме и играме ракомет како порано“, рече Пастор.

Унгарскиот вицешампион игра одлична сезона во Лигата на шампионите, го сруши и ПСЖ во Унгарија и важи за еден од потенцијалните фаворити од сенка за место на завршниот турнор во Келн. 

Минатата сезона ПИК Сегед загуби од нашиот Вардар во драматично четвртфинале.