Пастор и Бомбач: Беше тешко во Скопје, но целта е исполнета

ПИК Сегед вторпат во низа го победи Вардар во рамките на Лигата на шампионите, овојпат во Скопје со 27-30 (9-16). По натпреварот во СЦ „Јане Сандански“, своето мислење го изнесе тренерот на унгарската екипа Хуан Карлос Пастор кој истакна:

„Среќен сум и горд на тимот. Одигравме добар натпревар во Скопје. Започавме добро во одбраната, со одбрани на Миклер и добар напад. Се одлепивме и тоа беше важно. Беше тешко, Вардар игра добро седум на шест. Во еден момент, ние промашивме празни шутеви и тие се доближија. Сепак, се вративме и иако беше тешко да се игра во ваква атмосфера успеавме. Мора да продолжиме во ова темпо“.

Покрај Пастор, на прес-конференцијата зборуваше и ракометарот на ПИК Сегед, Деан Бомбач. 

„Тешко е да се каже како е да се игра во Скопје. Овде секогаш атмосферата е одлична. Вардар оваа година игра подобро од минатата, тие тукушто тргнаа да градат нешто. Ние тука дојдовме по два бода и ја исполнивме целта. Го издржавме притисокот и на крајот заслужено победивме“, изјави Бомбач.

ПИК Сегед е во подобра позиција од вардарци во пресрет на последните две рунди, но ќе има пеколно тешка задача на гости кај Алборг и дома со Кил.