Пасквал: Првиот меч ја покажа реалноста, но тоа не значи дека нема да се бориме за победа

Романија ја пречекува Македонија во вториот бараж натпревар за пласман на Мундијалот во Германија и Данска, но ќе има тешка задача да ја надополни големата негатива од Скопје, каде загуби со 32-24. Романскиот селектор Чави Пасквал дека неговите играчи биле инфериорни на првиот меч, но дека ќе се борат за победа на реваншот.

„На првиот натпревар јасно се виде разликата меѓу двете репрезентации во моментов, но нашата интенција е да бидеме што поблиску. Сепак реалноста е таа што ја видовме. Ние бевме инфериорни во сите фази од играта и резултатот само ја потврди разликата меѓу двете репрезентации. Но, тоа не значи дека нема да се обидеме да победиме на денешниот дуел во Клуж. Ќе се бориме со сите сили за победа“, изјави Пасквал.

Македонија долго време игра вакви бараж натпревари и квалификации за големи натпреварувања, а Романија нема толку искуство. Пасквал смета дека токму искуството е тоа што им фали на неговите играчи.

„Нашите играчи немаат искуство на вакви натпревари. Во Скопје поведовме со 2-0 и ја контролиравме играта на стартот, но неповрзаноста меѓу играчите, придонесе целиот тим да го загуби ритамот, бидејќи ни недостасува воиграност и искуство. Ни недостасуваат натпревари на вакво ниво. Доколку нашите играчи играат почесто вакви дуели сигурно би биле многу поблиску до Македонците“, заврши Пасквал.

Натпреварот меѓу Романија и Македонија ќе се игра денеска со почеток во 17.30 часот во салата „Хориа Демиан“ во Клуж.