Пасквал: Не го сакам зборот „одмазда“, но секако дека имаме екстра мотивација за Вардар

За помалку од една недела, Барселона и Вардар ќе го одиграат полуфиналето на завршниот турнир во Лигата на шампионите.

Како и пред две години, „Ланксес Арена“ во Келн ќе биде домаќин на шпанскиот и македонскиот шампион. Во 2017 година одлуката за победникот падна во последните секунди и на голема среќа, финишот донесе хепи-енд за „црвено-црните“.

Тој пораз сигурно го паметат ракометарите на каталонската екипа. Тренерот Чави Пасквал вели дека неговиот тим не сака одмазда, но има посебна мотивација за овогодишното полуфинале.

„Дуелите од регуларниот дел од сезоната нема да имаат врска со полуфиналето. Ќе биде тешка борба, а мечот и за двата тима ќе започне со 0-0.

Не го сакам зборот „одмазда“, но сигурно дека ќе имаме екстра мотивација за Вардар. Но, и да победевме пред две години, исто така ќе посакувавме победа и оваа сезона. Моите играчи не гледаат кој се наоѓа пред нив, тие само сакаат да победат.

Ние патуваме за Келн да победиме, но ако не се случи тоа, никој нема да може да каже дека не сме го оставиле срцето на терен“, вели предводникот на Барса.

Вардарци ги загубија двата меѓусебни меча со полуфиналниот противник и ќе имаат тешка задача да се изборат за ново финале во Лигата на шампионите.

Вториот полуфинален пар го сочинуваат екипите на Киелце и Веспрем.