„Партизан за брзо ќе игра на Ф4 на Лигата на шампионите или Европската лига!“

Претседателот на српскиот ракометен првак, белградски Партизан, Милјан Жугиќ, официјално најави дека клубот во наредните неколку години ќе се пласира на „фајнал-фор“ во Лигата на шампионите или на завршниот турнир на Европската лига.

Ова амбициозно ветување беше дадено за време на промоцијата на новиот тим на белградските „црно-бели“ за претстојната сезона 2026/27. Клубот се враќа во најелитното европско друштво по пауза од тринаесет години, благодарение на добиената „вајлд-карта“ од ЕХФ.

„Најуспешната сезона е зад нас. Ја освоивме титулата во државното првенство, националниот Куп, Суперкупот и Сесрпскиот куп. 

Пред неколку години реков дека ќе играме во Лигата на шампионите до 2027 година. Малкумина веруваа дека ќе го постигнеме тоа, некои дури и се смееја, но еве нè во најголемото европско натпреварување оваа сезона. Верувам дека очекувате ново ветување и подготвив едно такво - во следните неколку години ќе играме на „фајнал-фор“ на Лигата на шампионите или Европската лига““, заклучи Жугиќ.

Белградските „црно-бели“ неделава се на турнир во Охрид, а в недела од 18:00 часот ќе гостуваат во Битола во рамките на регионалната лига.