• Горан Упале
Екипата на Партизан е третиот патник во завршницата во СЕХА лигата. Српскиот клуб одново славеше во четвртфиналнето против подмладениот тим на Веспрем и така се најде меѓу најдобрите четири во регионалното натпреварување дивизија Југ, каде веќе свое место обезбедија и македонските тимови Еурофарм Пелистер и Вардар 1961.
По убедливите 39-24 во Белград, „црно-белите“ и на реваншот успеаја да го надиграат младиот тим на Веспрем, овој пат победувајќи го со минимални 19-21 (8-12). По израмнениот старт, во финишот од првото полувреме Партизан го засили темпото и се одлепи на четири гола (8-12), предност која што беше анулирана кон средината на вториот дел (14-14).
Сепак, во клучните моменти „црно-белите“ влегоа во нова серија и на крај заслужено славеа победа од 19-21, со која закажаа пресметка со битолски Еурофарм Пелистер во полуфиналето во дивизија Југ, доколку нема нови промени во распоредот.
Поповиќ со шест и Зечевиќ со пет гола беа најрасположени во гостинскиот табор, а за Веспрем се истакна Пинтер со шест гола од исто толку обиди.