• Мартин Танасковски

Ракометарите на Партизан се нови шампиони на Србија, откако во вториот натпревар од финалната серија ја совладаа Војводина со 27-22 (14-11) во Нови Сад. Со оваа победа белградскиот тим ја доби финалната серија со 2-0 и ја потврди доминацијата во домашниот ракомет оваа сезона.
Натпреварот се одигра без присуство на публика, откако првичниот дуел минатата недела беше прекинат поради инцидентите предизвикани од гостинските навивачи, кои фрлаа пиротехнички средства на теренот. По прекинот, Војводина одби да го продолжи натпреварот, но на барање на Партизан беше донесена одлука титулата да се реши на терен преку нов натпревар.
Во финалниот меч Војводина беше рамноправен противник во првите петнаесетина минути и во неколку наврати имаше минимална предност. Сепак, Партизан направи серија во финишот на првото полувреме и на паузата замина со водство од 14-11. Во вториот дел белградскиот состав целосно ја презеде контролата и во еден момент поведе со убедливи 21-14, со што практично го реши прашањето на победникот и шампионската титула.
Најефикасни кај новиот шампион беа Никола Црноглавац со шест и Аљоша Дамјановиќ со пет погодоци, додека кај Војводина се истакна Марко Срдановиќ со шест гола. За Партизан ова е четврти трофеј сезонава, по освоените Суперкуп на Србија, Куп на Србија и Сесрпски куп, со што клубот ја заокружи најуспешната сезона во својата историја и чека на повик во Лигата на шампионите.

