• Мартин Танасковски
Српскиот шампион Партизан ќе биде дел од ракометната Лига на шампионите во сезоната 2026/27, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) одлучила специјалната покана да му ја додели токму на белградскиот клуб, пренесува „Моцарт Спорт“.
Официјалната потврда се очекува во петок, кога Партизан и формално ќе се најде меѓу 24-те најдобри клубови во Европа кои од септември ќе настапуваат во елитното натпреварување. Со ова, Лигата на шампионите се враќа во Белград по пауза од 15 години, додека српскиот клупски ракомет повторно ќе има свој претставник во европската елита по десет години.
Сепак, патот до вајлд-картата не бил едноставен. Во ЕХФ и натаму постои загриженост околу можните инциденти на трибините, особено по случувањата од пред две сезони кога реваншот од четвртфиналето на ЕХФ Купот против АЕК не се одигра поради нередите предизвикани од навивачите на Партизан. Тогаш белградскиот клуб беше казнет со пет натпревари без публика, од кои две условно. Според информациите, челниците на ЕХФ јасно му ставиле до знаење на раководството на Партизан дека секој нов инцидент ќе биде строго санкциониран, а во најлош случај може да следува и повеќегодишна суспензија од европските натпреварувања. Дополнително, Партизан ќе мора да уплати и кауција кон ЕХФ, која неофицијално изнесува околу 300.000 евра.
Во меѓувреме, клубот веќе составува амбициозен тим за настапите во Лигата на шампионите. Нов тренер ќе биде поранешниот селектор на Македонија и тренер на Вардар, Раул Гонзалес, а пристигнаа и неколку звучни засилувања. Во Белград доаѓаат белорускиот бек Владислав Кулеш од Мелсунген, израелскиот репрезентативец Јоав Лумброзо од Динамо Букурешт, шпанското лево крило Мигел Санчез Мигалјон од Бенфика, австрискиот пикер Тобијас Вагнер од Лимож и голманот на БиХ, Бекир Чордалија од Кјелце. По 16 години во клубот се враќа и Илија Абутовиќ, кој претходно настапуваше за Еурофарм Пелистер, додека нов член на „црно-белите“ е и српскиот репрезентативец Милош Кос.
