Партизан доби жестока казна од ЕХФ, може да е цела евро-сезона без публика

Како што стојат работите, новиот српски шампион РК Партизан би можел да ја игра својата следна европска сезона без поддршка од трибините. Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе сериозни дисциплински мерки поради пропусти во организацијата на четвртфиналниот натпревар од ЕХФ Европскиот Куп против грчкиот АЕК.

Во соопштението од ЕХФ се наведува дека дисциплинската постапка била покрената поради безбедносни пропусти, дополнителни трошоци предизвикани од одложувањето на натпреварот, како и поради истакнување на политички транспарент.

Како резултат, Ракометниот суд на ЕХФ изрече парична казна од 15.000 евра за клубот поради „непримерно и исклучително опасно однесување на публиката“. Дополнително, ЕХФ му изрече и казна на Партизан да игра пет домашни натпревари без присуство на публика во европските натпреварувања – од кои две се условни, во зависност од понатамошното однесување.

Клубот е исто така задолжен да ги покрие сите трошоци поврзани со реорганизацијата и повторното играње на одложениот натпревар против АЕК. Поради политичкиот транспарент, Партизан доби и дополнителна казна од 4.500 евра.

РК Партизан има рок од седум дена да поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ.