• Горан Упале

Роберто Парондо не го заборава периодот во Скопје и историскиот успех со Вардар во 2019 година, кога „црвено-црните“ по неверојатен расплет ја освоија титулата во Лигата на шампионите.
Шпанскиот стратег, кој денес е тренер на Мелсунген, а во иднина ќе го преземе Пари Сен Жермен, во интервју за „Handball-Planet“ се присети на сезоната во која Вардар направи нешто што малкумина го очекуваа. Парондо откри дека уште од почетокот знаел дека задачата нема да биде едноставна, но токму атмосферата околу тимот и потценувањето од јавноста дополнително го мотивирале.
„Од почетокот знаевме дека ситуацијата ќе биде тешка. Беше тоа навистина посебна група, како да живеевме во паралелен универзум. Никој не веруваше во нас“, раскажа Парондо.
Шпанецот откри и дека во периодот пред да ја преземе машката екипа, во Скопје пристигнал поради женскиот тим, каде што работела сопругата на Тимур Дибиров.
„Во Скопје дојдов една година порано поради женската екипа. Сопругата на Тимур Дибиров беше тренер и сметаше дека можеби ќе ѝ биде потребна помош околу тактиката. Бев искрен со неа, ѝ кажав дека не го познавам особено женскиот ракомет, но ракометот е ракомет“, се присети тој.
Пред почетокот на Лигата на шампионите, Вардар не се наоѓал ниту во листите на десетте најголеми фаворити за титулата.
„Тоа за мене стана средство за мотивација. Можев да им покажам на играчите: ‘Погледнете, очигледно не сме ниту меѓу десетте најдобри екипи. Никој дури и не знае кои сме’. Понекогаш таквите работи помагаат“, вели Парондо.
И навистина помогнаа. Вардар стигна до тронот на Европа, а сезоната 2018/19 и денес останува една од најголемите приказни во историјата на македонскиот клупски спорт.



