Парондо: Ситуацијата не е најдобра, но не ни помислуваме да се откажеме

Само два дена по изјавата на сопственикот Сергеј Самсоненко дека на крајот од оваа сезона го напушта клубот, професионалците на Вардар мораа на терен и ја потврдија фаворитската улога во четвртфиналната група од Купот на Македонија во Струга.

Откако им се приклучија на Металург, Еурофарм Работник и Бутел, вардарци се насочија кон натпреварот на сезоната против ПИК Сегед.

За струшкото искуство Гарсија Парондо рече:

„Најпрво сакам да ѝсе заблагодарам на домашната публика за пријатната и спортска атмосфера. Слушав убави работи за Струга, а се уверив, откако видов многу млади играчи кои на теренот изгледаа многу зрело. Ние ја одработивме нашата задача и стигнавме до учество на Ф4. На мечевите од четвртфиналната група шанса добија помладите ракометари и ја искористија, а играа и некои играчи на кои им е потребна минута во пресрет на завршниот дел од сезоната“.

Тренерот на „црвено-црните“ потврди дека ситуацијата не е најдобра, но никој во Вардар не мисли да се предаде.

„Сезоната во глобала е многу тешка, но во ниту еден момент ние не помисливме да се откажеме, туку секојдневно трениравме во високо темпо. Ситуацијата не е најдобра за нас, но комплетно сме насочени кон двомечот со ПИК Сегед и убеден сум дека ракометари ќе пружат напори над своите можности“, ни изјави Гарсија Парондо.

Вардарци вечерва се вратија во Скопје по двата дена минати во Струга и комплетирањето на неделата со четири домашни победи по оние во понеделникот и вторникот против Пролет и Еурофарм Работник.