• Иван Димовски
Ракометниот клуб Вардар ќе го одигра последниот натпревар од групната фаза во Европската лига, на домашен паркет против екипата на Мелсунген.
Оваа средба нема да има резултатско значење, вардарци ги загубија шансите за пласман во нокаут фазата, а и Мелсунген веќе го осигура првото место. Поради тоа, ќе се игра натпревар за уживање на скопската публика. Ова ќе биде кам-бек на Роберто Гарсија Парондо во Скопје, на местото каде што го имаше најголемиот успех во кариерата. Шпанецот го водеше Вардар до втората европска титула во 2019 година и е популарен меѓу македонската публика.
За Вардар ова ќе биде натпревар за пресиж, шанса достојно да се прости од европската сцена оваа сезона и да ја затвори групата на солиден начин. Минатата седмица вардарци ремизираа на гости кај Валур, а истиот ривал го победија на стартот на натпреварувањето. Останатите три меча беа загубени, па сега против Мелсунген треба да се игра за докажување. Тренерот Гиљермо Милано ќе мора да комбинира и внимава бидејќи пред само два дена Вардар играше дерби меч на домашната сцена со Алкалоид.
Средбата во СЦ „Јане Сандански“ меѓу Вардар и Мелсунген е закажана за вечерва во терминот од 20:45 часот.
Фото: Денис Дуковски / РКВардар1961