Парондо: Пласманот на Ф4 е награда за сите наши страдања оваа сезона

Две години по историската сезона во 2017 година, Вардар повторно ќе ги одмери силите со Барселона во полуфиналето на завршниот турнир во Лигата на шампионите во ракомет.

Тренерот Роберто Гарсија Парондо даде интервју со „Мундо Депортиво“, во кое зборуваше за тешката ситуација во клубот и шансите во полуфиналето во Келн.

„Мора да бидеме внимателни на секој дел од играта на Барса. Таа има исклучително добар напад оваа сезона. Ние сме аутсајдери, но тоа не значи дека нема да се бориме и да сонуваме финале. Мора да веруваме во победа. Ќе мора да ги спречиме лесните голови на противникот кој до нив стигнува благодарение на одличната одбрана. Нивните контри можат да одлучат натпревар во пет минути. Загубените топки во напад мора да ги сведеме на минимум. Мора да ги натераме да работат“, вели шпанскиот тренер.

Потоа Шпанецот продолжи да зборува за изворот на мотивација на „црвено-црните“ во текот на цела сезона на европска сцена.

„На почетокот на сезоната, Вардар не беше ниту меѓу првите 10 фаворити во Лигата на шампионите. Тоа им дава дополнителен мотив на моите ракометари. Напорната работа ги надмина сите проблеми со талентот и на крај не награди со пласман во самата завршница. Моравме да формираме нова одбрана и да почекаме играчите да се адаптираат на новите позиции. Секој одминат натпревар носеше подобра одбрана, тоа е нашата тајна“, вели 39-годишникот од Мадрид.

За крај, Парондо изрази задоволство од играта и залагањето на неговите играчи и покрај лошата ситуација и долговите на нивна сметка.

„Претседателот ни рече дека сите долгови ќе ни бидат исплатени. Сите сме во слична ситуација, платите ни доцнат шест, седум, осум месеци... Никому не му се допаѓа таа работа, но ние се фокусиравме само на она што се случува на теренот. Ако се земат предвид сите проблеми со кои се соочивме, тогаш треба да бидеме презадоволни со пласманот на завршниот турнир. Тоа е наградата за нашето страдање во текот на цела сезона“, заврши предводникот на вардарци.

Пред две години, Лука Циндриќ со гол во последната секунда ја елиминира Барса. Подоцна во финалето, со слична завршница Иван Чупиќ донесе историска европска титула за македонскиот првак во дуелот со ПСЖ.

Полуфиналето против Каталонците е закажано за 1 јуни со почеток од 18:00 часот.