Човекот кој испиша историја со Вардар, му донесе успех и на Мелсунген!

Роберто Гарсија Парондо, поранешниот тренер на Вардар 1961, направи голем подвиг откако со Мелсунген го победи Кил по голема драма (24-23) во финалето на Ф4-турнирот во Европската лига на ЕХФ. Со победата, Мелсунген си обезбеди потенцијален билет и за Лигата на шампионите.

Бундеслигашкото дерби беше крајно израмнето, а победникот се даде во последната минута од финалето на завршниот турнир. Не беше оној вообичаен ракомет со многу голови, но двата тима прикажаа неверојатна борба, вредна за меч за трофеј. На чело на добрата одбрана беше голманот Симиќ, кој беше главен адут на Мелсунген. На влезот на 59-тата минута на семафорот во Хамбург стоеше 23-23, а Роберто Гарсија Парондо од Мелсунген повика тајм-аут.

По советите од тренерот, следеше игра „седум на шест“, акција која во гол ја претвори Давид Мандиќ. Имаше уште 15 секунди на семафорот за Кил, но „зебрите“ не успеаја да погодат. Имаше и негодување затоа што судиите не го сопреа времето на шест секунди пред крај, па последниот шут на мечот беше од место.

За Роберто Гарсија Парондо се најавува дека по крајот на сезоната ќе го напушти Мелсунген и ќе го предводи ПСЖ.