Парондо: Не знаеме што може Врањеш да подготви со Кристијанштад

Ракометарите на Вардар денес Шведска го играат мечот од 13. коло во групата А од Лигата на шампионите против Кристијанштад. За Шведска не отпатуваа Вуко Борозан и Марко Мишевски. Левиот бек уште чувствува болка и остана во Скопје и ќе работи под посебна програма за рехабилитација.

„Кристијанштад има нов тренер и тие покажаа дека играат добро на домашен терен, сосема спротивно кога се гости. Со Врањеш не знаеме што може да подготват. Подготвени сме да играме онака како што знаеме. Играчите се подготвени за она што следи. Забораваме што било претходно и мислиме само на она што следи. Ќе биде секако тешко поради проблемите што ги имаме“, вели тренерот Парондо.

На првиот меч сезонава во Скопје, во второто коло Вардар триумфираше со 33-25 (19-10). Шведскиот првак има серија од три порази по ред, а последните два во февруари се на гостувањето во Киелце и дома од Барселона.