Парондо: Не беше лесно да се „скрши“ Мешков, ни остана само уште една пречка

Gol.mk на SEHA Final 4

Уште еден инфаркт натпревар и победа за ракометарите на Вардар во СЕХА лигата. Победен е Мешков Брест со 25-23 среде Белорусија, со што екипата на Парондо им се реваншира на Белорусите за подобриот биланс во регуларниот дел на сезоната.

>>> ПОВРЗАНО - Шишкарев: Победивме и неодморни, драго ми е што и тоа беше доволно

Шпанскиот стручњак Роберо Гарсија Парондо се наоѓа на чекор до својот прв трофеј откако го наследи Раул Гонзалез на клупата на Вардар. На прес-конференцијата 39-годишниот стручњак изјави: 

„Честитки за екипата на Мешков Брест, играа многу цврсто и не беше лесно да се скрши отпорот. Напорната сезона има само уште еден натпревар, утрешниот против Загреб. Со нив игравме многу натпревари сезона, но ни следи финале, а финалните натпревари се поинакви и не може да се споредуваат со веќе одиграните“. 

Вардар утре може да стане прва екипа со три титули по ред во СЕХА лигата – подвиг кој не му успеал на ниту една екипа. До денес Вардар и Веспрем се единствени екипи кои одбраниле СЕХА титула, но трипати по ред само Вардар играл финале и веруваме дека утре може и третпат да се радува.