Парондо: Имавме проблеми со реализацијата, но најважна е победата

Вардар со два бода се враќа од Шведска, каде триумфираше на дуелот со Кристијанштад, 32-30 (16-17) и воедно остана во игра за второто место во групата.

„Црвено-црните" играа добро, а на моменти главен проблем им беше реализацијата, нешто што по завршувањето на натпреварот го потенцираше и Роберто Гарсија Парондо.

„Игравме добро, но проблем беше реализацијата. Стигнувавме до позиција да шутнеме, но промашувавме. Важно освоивме бодови и сега мирно ќе го чекаме последното коло. Знаевме дека ќе биде тешко, бидејќи Кристијанштад игра добро дома, но и ние се подготвувавме. Секој што играше си ја знаеше својата работа и добро функциониравме. Голманите одлично си ја завршија својата работа и уште еднаш покажаа дека во тимот имаме двајца извонредни чувари“, изјави тренерот на Вардар.

Следниот меч Вардар го игра на домашен терен со Монпелје на 2 март и од исходот ќе биде познато на која позиција ќе заврши нашиот првак и од која фаза ќе ги започне нокаут натпреварите.