• Горан Упале

Европскиот шампион од пред две сезони Вардар, в сабота ја отвора сезоната на Лигата на шампионите на домашен терен. Во салата „Јане Сандански“ ќе гостува шведски Кристијанштад, а за овој дуел своите очекувања ги искажа новиот тренер Роберто Гарсија Парондо.
Шпанскиот стратег истакна дека овој дуел е многу важен за неговите момци, а доколку сакаат успех ќе мораат да бидат фокусирани низ текот на сите 60 минути.
„Ова е многу важен натпревар за нас. Првпат играме во Лигата на шампионите на домашен терен и затоа овој меч е многу важен за нас. Играме против добар тим, а квалитетни се сите екипи кои се во групата. Фокусирани сме на овој натпревар и очекувам во сите 60 минути да одиграме на исто ниво и да дојдеме до нови бодови“, рече Парондо.
Во првиот натпревар од Лигата на шампионите, вардарци приредија големо изненадување, откако на гости славеа со 24-27 кај актуелниот шампион Монпелје.