Панчев за титулите на Вардар: Да споредуваш ракомет со фудбал е исто како професор со Ајнштајн!

Иако очекуваа спектакл како некогаш, фановите на Црвена Звезда и Партизан изминатиов викенд го гледаа едно од најдосадните „вечни“ дерби средби на српскиот фудбал.

Дуелот на „Маракана“ заврши без голови, а по дербито меѓу лутите ривали поранешниот ас на Црвена Звезда и македонска фудбалска легенда, Дарко Панчев истакна дека „црвено-белите“ заслужиле три бода, затоа што Партизан одигра кукавички.

„Мислам дека Црвена Звезда беше подобриот противник, имаше неколку шанси за гол, но потфрли во реализацијата. На другата страна, пак, иако очекував Милошевиќ да ризикува повеќе, Партизан одигра кукавички“, вели Панчев во интервјуто за „Би-Би-Си Србија“.

Популарната „Кобра“ во продолжение зборуваше и за македонската фудбалска репрезентација, за која вели дека две децении чека на неговиот наследник.

„Можеби БиХ го има Џеко, Србија чека на Јовиќ, но во Македонија нема голем избор на таа позиција. Шпиц-напаѓачите се проблем, тешко се раѓаат и создаваат“, додаде Панчев.

На крај се осврна и на споредбата меѓу двата најпопуларни спортови во Македонија – фудбалот и ракометот. 

„Да споредувате фудбал со ракомет е исто како да споредувате професор во средно образование со Ајнштајн. Па, кој гледа ракомет во Европа? Сепак, титулите на Вардар донесоа голема радост во Македонија. Нашиот народ е желен за спорт, сигурен сум дека ако играме финале на Светско првенство во куглање и тогаш цела сала ќе биде полна. Но, кога сте виделе децата во школките дворови да играат ракомет. Денес не играат ништо, можеби понекогаш кошарка или фудбал“, рече Панчев. 

Комплетното интервју на Дарко Панчев можете да го прочитате на ОВОЈ линк.