Паличка бранел повреден против Данска: „Не се пропушта финале на СП!“

Ракометарите на Шведска одиграа херојски Мундијал во Египет, каде иако потценети без многу ѕвезди стигнаа до финалето и загубија од Данска (26-24). Сепак, на патот до таму ја победија големата Франција на неверојатен начин, а во многу наврати покажаа дека пред нив е светла ракометна иднина. 

Интересна информација се појави во шведските медиуми, за голманот и капитен Андреас Паличка. Имено, тој бранел во финалето против Данска со фрактура на прстот, која ја здобил во дуелот против Франција. Во клучните моменти, Паличка му одбрани зицер на Порт, само со врвот од прстите и веројатно тогаш заработи повреда. 

„Мислам дека сите видоа, добив повреда која значи дека не можеш да бидеш на терен некое време. Си го познавам телото, знаев дека ќе морам да паузирам. 

Сепак, не пропушташ финале за ништо. На мене беше одлуката дали ќе заминам на испитувања, ама не се пропушта финале на Светско првенство за ниту една причина. Сега ќе заминам дома и ќе видам каква е повредата“, изјави Паличка.

Паличка беше еден од „тивките“ херои на Шведска, бидејќи нивната игра пред сè се темелеше на голманска одбрана и молњевита контра, која брзите крила ја решаваа со погодоци. За жал за нив, иако се бореа рамноправно, не успеаа да издржат против Данците.