Палевски: Работевме напорно во последните денови, добро сме подготвени за Бутел

Пролет со денешниот дуел на домашен терен против Бутел ги продолжува настапите во плеј-офот, во обид во третата рунда да се стигне и до првата победа во разигрувањето за највисок пласман во македонскиот шампионат. 

Првите два пораза беа очекувани ако се знае дека противници беа Алкалоид и Вардар, но убедливиот неуспех против „црвено-црните“ беше причина за дополнителна работа на тренинзите, се со цел формата да се крене на едно повисоко ниво за дуелот со Бутел.

„Имаме одиграно толку многу средби со Бутел во последните години што навистина добро се познаваме. Знаеме што е најважно за да се совлада овој ривал, тоа е цврстата одбрана што мора да се издржи во текот на сите 60 минути. Мораме да бидеме фокусирани, да ги запреме во нивните обиди за брзи голови од кои знаат да бидат многу опасни. Исто така, важно е да сме дисциплинирани во нападот, да го сведеме на минимум бројот на загубени топки, нешто што Бутел редовно го казнува против сите противници. Работевме напорно во последните денови, добро сме подготвени и верувам дека на крајот ќе се радуваме на победата“, изјави Давор Палевски.

Бутел и Пролет традиционално во последните години играат неизвесни и возбудливи натпревари, па се очекува истото да биде случај и вечерва.