Палевски го наполни голот на Струга, Пролет продолжува со битката за Европа

Екипата на Пролет 62 по поразот од Вардар се врати на победнички пат. Славеше на домашен терен над Струга (27-21) и ја продолжи битката со Бутел Скопје за едно од местата кои водат во Европа следната сезона.

  • Целосниот натпревар на Пролет 62 и Струга:

Избраниците на Матлиевски имаа мака со противникот нешто околу дваесет минути, а потоа квалитетот исплива на површина, па се славеше на домашен терен во дуелот со стружани кои не знаат за победа во втората фаза од најквалитетното македонско ракометно натпреварување.

Гостинот беше во егал-меч до до 7-7, а потоа Пролет со два гола во низа на Палевски и Давитковски се одлепи на „плус два“ (9-7). До полувремето домашните дојдоа и до три гола позитива (16-13), за главната разлика да ја создадат во воведните минути од второто полувреме, кога се казнуваше секоја грешка на противникот со гол, за позитива од 20-15. Последните петнаесет минути од мечот беа во целост на страната на домаќинот, кој не дозволи Струга ниеднаш да се приближи.

Најдобар кај стрелците беше крилото Давор Палевски со 11 постигнати гола, пред Пејовиќ со пет и Аларов со четири реализации. Кај Струга, Јанкуловски и Ракочија постигнаа по четири погодока.

Пролет по седум натпревари има четири победи и три порази, па се наоѓа на третото место на табелата веднаш зад Вардар и Еурофарм Пелистер. Струга е претпоследна со три бода, поради трите нерешени со Охрид, Еурофарм Пелистер 2 и Металург.