Палевски даде повеќе од половина голови за Пролет и сам го победи Радовиш

По двата порази во низа, екипата на Пролет им ставија крај на неуспесите во Суперлигата и, иако без неколку клучни ракометари, со голема победа се врати од гостувањето кај Радовиш, победувајќи го домашниот тим со сигурни 19-22 (10-12).

  • Комплетниот натпревар меѓу Радовиш и Пролет: 

Момците на Матлиевски моќно го отворија натпреварот во Радовиш и најавија голема борба против еден до конкурентите за плеј-оф. Цврстата и подвижна одбрана, како и одличниот напад на скопскиот тим му донесе водство уште од самиот старт, кое во одредени периоди беше и со пет гола разлика (3-8), но како се ближеше крајот на првиот дел, така предноста на Пролет се топеше и на полувреме за замина со само плус два за гостите (10-12).

За разлика од стартот на првиот дел, во вториот двете екипи тргнаа помотивирано и со цел да ги освојат трите бода, а тоа донесе голема борба и доста возбудувања. Кон средината на второто полувреме Радовиш за првпат се избори за израмнување (15-15), но Пролет не дозволи целосен пресврт и со одличен финиш запиша нова победа на своето конто во Суперлигата. 

Давор Палевски со 12 гола беше убедливо најдобриот ракометар на паркетот, а кај победничката екипа се истакна и Андоновски со четири гола. Во редовите на Радовиш прв стрелец беше искусниот Ивица Илиев со пет гола.