• Зоран Мишевски
Македонските ракометари ја облекоа третата жолта гарнитура на дресови за мечот со Норвешка во кој во игра е и пласманот во Полска и местото во олимписките квалификации. На крајот, драмата со Норвежаните во „Краков арената“ заврши 31-31 (17-13).
Еспен Ли Хансен по неполна минута го отвори резултатот во полза на Норвежаните, по молњевита контра која траеше десетина секунди. Филип Кузмановски и Кирил Лазаров со два проектила од надворешните позиции парираа за 2-2 во 4. минута. Лазаров од седмерец погоди за 4-2 и Македонија прва отиде на +2. Капитенот Лазаров даде три од нашите пет гола за 5-4 во 10. минута.
Настана период во кој се играше гол за гол и на половина полувреме беше 8-8. Филип Лазаров одлично се вклопи во ротацијата и постигна два гола од позиција на лев бек (12-11). Неговиот брат беше нерешлива енигма за одбраната на Кристијан Берге и со седмиот гол на капитенот и веднаш потоа првенецот на Митков од крило, Македонија дојде до највисоки +3 во 28. минута. Филип Миркуловски со звукот на сирената погоди за 17:13 и наша повеќе од поволна позиција на одморот.
Вториот дел започна со два неодговорени гола на Норвежаните и ефектен седмерец на Кире Лазаров за 18-15. Во 40. минута за првпат дојдовме до пет гола предност со десеттиот гол на нашиот капитен (23-18). До 46. минута ја одржувавме предноста од 4-5 гола, но тогаш на сцена стапија нашите брзоплети грешки и Бјорнсен и Хансен спуштија на -3.
По исклучувањето на Гоце Георгиевски, Норвешка се доближи на само еден гол заостанување во 52. минута. По тајм-аутот на Обрван, Мојсоски го постигна првиот гол, но возврати Хансен. Јондал од седум метри погоди за по подолго време нашиот ривал да поведе (30-31). Миркуловски возврати за 31-31 на 70 секунди до крајот. Норвежаните погрешија, па добивме напад за победа на половина минута до крајот. Ударот на Лазаров заврши во блокот и мечот пак донесе поделба на пленот како против Србија (31-31).
Во македонската селекција фанстастичен беше капитенот Лазаров со 11 гола, а Манасков даде 5. Во норвешкиот тим се истакна Кристијан Бјорнсен со 7 гола.