„Овој човек е од друг свет“: Еве како Томовски блескаше против Фуксе (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски продолжува да импресионира во Бундеслигата, а неговите одлични партии не остануваат незабележани ниту во неговиот клуб.

По фантастичните 16 одбрани против Магдебург, Томовски повторно беше еден од најдобрите поединци на Битигхајм во дуелот со големиот фаворит Фуксе Берлин. Иако Битигхајм загуби минимално со 31-32, македонскиот чувар на мрежата повторно имаше блескава вечер и натпреварот го заврши со 14 одбрани, со кои долго време го држеше својот тим во игра против силниот берлински состав.

Колку импресивно беше неговото издание најдобро покажува и реакцијата на самиот клуб. Битигхајм на социјалните мрежи објави видео со дел од најдобрите одбрани на Томовски, а снимката ја придружи со кратка, но јасна порака:

„Овој човек е од друг свет“.

Со ваквите партии Томовски полека, но сигурно се наметнува како една од највпечатливите фигури на Битигхајм, а неговата форма е одлична вест и за македонската репрезентација пред квалификациите за Европското првенство, како и настапот на Мундијалот во јануари.