Овидиу: Успеавме да славиме кај Металург и без девет играчи

Михаила Овидиу, тренерот на Стеауа, беше полн со пофалби за играта на својот тим на мечот против Металург и победата во Скопје (28-29) во рамки на СЕХА-лигата. Романците допатуваа на мегдан со „металурзите“ со осум ракометари и двајца голмани, но и покрај тоа запишал бодови.

„Среќен сум со оваа победа, затоа што во овој период Стеауа нема доволен број на играчи. Дојдовме во Скопје со десет играчи, мислам дека овие играчи играа предобро. Се надевам дека во иднина сите играчи ќе ни бидат здрави и на располагање, затоа што ние немаме втор тим. Девет играчи ни останаа дома, поради важен натпревар во првенството. Металург има добар тим, во иднина сигурно ќе дојдат резултатите. СЕХА-лигата е добра за младите играчи да се развиваат. Благодарност за гостопримството во Скопје, се гледаме во Букурешт“, изјави Овидиу.

На пресот беше присутен и Марин Вегар, кој натпреварот го заврши со пет гола.

„Жалам што на овој дуел не дојдовме во комплетен состав, мечот сигурно ќе беше подобар. Задоволни сме од победата. Триумфот ни доаѓа во време кога не стоиме добро во домашното првенство“, краток беше ракометарот на Стеауа.

Стеауа е на четвртото место во СЕХА-лигата со пет победи и три порази на осум меча. Во наредното коло тимот се среќава со Железничар.