• Симеончо Стоиков

Се чини нема крај на проблемите за МАКС Струмица, кој иако заврши како третопласиран сезонава во домашното првенство, продолжува да тоне. Петтмина искусни ракометари кои го понесоa товарот во пролетниот дел од сезоната добија откази, а притоа останаа и со неисплатени обврски, па испратија заедничко соопштение до јавноста, кое во целост ви го пренесуваме.
„Од страна на сегашниот претседател на клубот ни беше соопштено дека договорите за следната сезона нема да бидат продолжени и дека клубот ќе настапува со младинци во Супер лигата. Играчите кои останавме со новата управа бевме измамени и покрај нашето безрезервно залагање за клубот и буквално со една постава одигравме машки и го освоивме третото место, на крај не ни го исплатија ветеното и буквално не избркаа од клубот, иако најавите беа дека клубот ќе го вратат на старите патеки. Минатата сезона е за заборав на сите играчи кои настапија за клубот. Почнувајќи од тогашниот претседател и тренерот на клубот, кои со закани и неспортски работи ги тераа играчите да настапуваат за клубот, за тие да можат да остваруваат лични финансиски добивки. Иако мислат дека се е минато и сме заборавиле, се лажат и во периодот кој следува ќе излезе на виделина што се случуваше. Како што знаете клубот на полусезона со помош на играчите беше преземен од спортскиот директор, кој поради нечесните работи кои се случуваа, инсистираше тој да го преземе клубот и заедно со нас играчите да ја вратиме честа и угледот кој клубот ја уживаше минатите неколку сезони. Иако навидум со чесен и искрен пристап, ние верувајќи на новата управа помогнавме клубот да добие нов претседател, на кој дури му ги простивме и финансиските средства кои се должеа од првата полусезона, за клубот да застане на здрави нозе и повторно ја вратиме побликата на трибините. На крај го освоивме третото место и како „награда” не ги исплатија средствата за последните неколку месеци и како и претходната управа парите ги ставија в џеб. Од еден клуб за респект, и старата и новата управа направија ракометот во Струмица следната сезона буквално да преживува. Нека чита цела македонска јавност и нека им е срам за тоа што го направија. Оваа нема овде да заврши и сите работи кои се случуваа во следниот период ќе бидат објавен“, стои во соопштението од ракометарите на МАКС Струмица.
На повидок е голем скандал во клубот кој требаше да биде нов гигант во нашиот ракомет, но очигледно се работи само за вештачка неколкугодишна бајка.