Остроушко: За Еурофарм Пелистер имам само пофални зборови, но ладната сала...

По вторпат за само една година, Владислав Остроушко се раздели со Еурофарм Пелистер. Лани тоа го направи откако беше најдобар стрелец на тимот во ЕХФ Купот, но откако неговиот трансфер во Романија пропадна, се реши да врати во Битола и повторно да соработува со тогашниот тренер Стевче Алушовски. 

Искусниот бек и оваа сезона беше еден од најдобрите ракометари на пелистерци, беше прв стрелец на тимот во Лигата на шампионите, но повторно донесе одлкука за заминување и се прости со битолските навивачи. 

Во интервју за „Брз центар“, Остроушко зборуваше на многу теми, а се осврна и на своите две сезони минати во Еурофарм Пелистер. 

„Ако ги сметаме настапите на европска сцена, можам да речам дека ова беше најуспешната сезона во мојата кариера. Плус играв и на Европско првенство. Во Еурофарм Пелистер имав доверба од тренерите, а вториот лев бек Вегар имаше повреда и оттука доаѓаше мојата ефикасност. Сепак, вознемирувачки е фактот што немавме тимски резултат. Ни фалеше еден гол на повеќе од четири натпревари. Кога клубот ќе заврши на последната позиција на табелата, а вие сте најдобар стрелец, не е нешто посебно“, вели Украинецот, кој сезоната во Лигата на шампионите ја заврши со 65 гола.

Од „Брз Центар“ се повикаа на интервјуто на Зоран Стерјев за Gol.mk, во кое претседателот на Еурофарм Пелистер меѓу другото зборуваше и за разделбата со Остроушко. Украинскиот бек ја кажа и својата страна за разделбата со битолчани и ги откри причините зошто се решил за ваков чекор.

„По завршувањето на Европското првенство започнаа преговорите за нова соработка. Уште тогаш го известив претседателот дека не се гледам себеси во клубот во идната сезона. За Еурофарм Пелистер можам да кажам само пофални зборови, но она што многу му недостига на клубот е спортска инфракструктура и вистинска сала за тренинзи и натпревари.

Битолската сала е многу стара и нема греење. Во есен и зима да тренираш таму е самоубиство. Кога влегуваш во салата, топката е како тула и не можеш да користиш „лепак“ затоа што е „замрзнат“. Трениравме со термална облека, а понекогаш носевме и капи. Понекогаш немаше ниту топла вода во соблекувалните и тоа ги преминуваше сите граници. 

Потоа во клубот дојде Жељко Бабиќ и со него имав разговори за продолжување на договорот. Имав одличен однос со хрватскиот тренер, но и нему му соопштив дека за мене е многу опасно да се работи во така ладна сала. Тоа се причините за моето заминување од Битола, а мора да потврдам дека Еурофарм Пелистер се разделивме на џенталменски начин“, вели Остроушко. 

33-годишниот лев бек многу веројатно ова лето ќе слави мал јубилеј, затоа што доколку не се врати во некој тим каде настапувал во минатото, ќе потпише договор со 15-от клуб во кариерата.