Остроушко експресно пронајде нов клуб, се сели кај Бебешко во Дунареа

Иако беше најдобриот стрелец на Еурофарм Работник во настапите на клубот во ЕХФ Купот, и еден од најзаслужните ракометари за историскиот успех на битолскиот клуб, Владислав Остроушко во иднина ќе тресе мрежи за друг клуб. 

Откако пропаднаа договорите со челните лица на Еурофарм, украинскиот репрезентативец експресно пронајде нов клуб, и се договори со Дунареа Калараши.

Искусниот лев бек, кој зад себе има големо интернационално искуство во редовите на Дунареа доаѓа на барање на тренерот Сергеј Бебешко, кој патем е и селектор на Украина, репрезентација која на почетокот на идната година ќе биде противник на нашите ракометари на ЕП во Австрија, Шведска и Норвешка. 

Остроушко во Еурофарм Работник пристигна на стартот на 2019 година од турски Селкаспор. Во својата кариера тој има настапувано и за Баја Маре, швајцарски Кадетен, Азоти Пулави...

Со заминувањето на украинскиот репрезентативец, битолскиот тим кој следната сезона ќе се натпреварува во СЕХА лигата и Лигата на шампионите останува со само два леви бека - новајлијата Марин Вегар и искусниот Дејан Пецаковски.