Остоиќ: Сигурни сме дека фановите ќе уживаат во Скопје и трибините ќе бидат полни

Во седмата сезона на регионалната СЕХА лига завршниот турнир на кој ќе се реши првакот ќе се игра во Скопје, во салата во СЦ „Јане Сандански". Раководството на СЕХА реши Вардар да биде коорганизатор на овој турнир што треба да се одржи во периодот од 13 до 15 април.

Дополнително ќе бидат одредени полуфиналните двојки. Познато е дека Вардар влегува како првопласиран и ќе го чека четвртопласираниот тим. Другите три екипи што ќе играат на Ф4 турнирот се Загреб, Мешков и Целје Пивоварна Лашко, а по последните две кола ќе биде позна и конечниот редослед на табелата. 

„Големо задоволство и чест е да објавиме дека 7. издание на Ф4 турнирот повторно ќе биде во Скопје, Македонија. Задоволни сме Ф4 турнирот да биде во Скопје по вторпат откако Вардар стана европски и СЕХА првак. Вардар има долга и успешна ракометна историја, и лани освоија сѐ што еден клуб може да освои во една сезона, и сигурни сме дека македонските фанови и ќе уживаат во најдобриот ракомет во регионот и трибините ќе бидат полни. Ќе дадеме сѐ од себе да го организираме настанот на највисоко ниво и сигурни сме дека тимовите што се натпреваруваат на Ф4 ќе го покажат најдоброто. Нека победи најдобриот“, изјави Синиша Остоиќ, директорот на СЕХА.

Вардар досега трипати беше победник на СЕХА лигата, во неговото прво издание во Загреб во 2012, потоа во Нови Сад во 2014 и во Брест лани.