• Саше Љолес
Македонскиот ракометен суперлигаш, ГРК Охрид, се подготвува за настапот во Еврокупот на ЕХФ, каде за противник ќе го има азербејџанскиот тим Баки.
Охриѓани се пред историски настап во континенталните натпреварувања, а своите очекувања за двобојот ги изнесе шпанскиот ракометар Ориол Реј Моралес.
„Пред нас се два исклучително важни натпревари за продолжување на настапот во Еврокупот. Го гледавме противникот на видео-анализа, но не знаеме многу за него поради тоа што не сме се сретнале никогаш во минатото.
Сите сме фокусирани и подготвени да го дадеме нашиот максимум, за да ја продолжиме европската авантура и да се пласираме во следната рунда“, изјави Шпанецот.
Натпреварите помеѓу ГРК Охрид и Баки ќе се одиграат во салата „Билјанини Извори“ на 11 и 12 октомври. Терминот е ист - 18:00 часот.
ФОТО: ГРК Охрид / Анамарија Момироска
