Општина Битола потврди: Еурофарм достави понуда за акциите на РК Пелистер! 

Она што вчера го најави Gol.mk, денес е потврдено – компанијата Еурофарм достави понуда за купување на акциите на ракометниот клуб Пелистер, со што Битола повторно би добила моќен тим, за кој битолчани сонуваат со години. 

Општина Битола е целосен сопственик на поранешниот ракометен шампион, но по последните случувања многу веројатно истиот ќе заврши во рацете на вицешампионот во Суперлигата, кој во новата сезона ќе се натпреварува во СЕХА лигата и Лигата на шампионите. 

Оваа информација ја потврди и советникот на Општина Битола, Борче Корлевски, кој воедно е и претседател на Комисијата за спорт во Советот на Битола. Корлевски за Тера ТВ истакна дека на следната седница на Комисијата понудата од страна на Еурофарм Работник ќе биде ставена на дневен ред и за краток период можно е да се дојде до конечна одлука. 

Покрај понудата за купување на акциите, претставниците на двете страни ќе разговараат и за состојбата во салата „Боро Чурлевски“ на која неопходно ѝ е потребно реновирање за да ги задоволи условите на СЕХА и ЕХФ.