• Горан Упале
Ракометната селекција на Шведска славеше уште една победа во женскиот турнир на Олимписките игри во Париз, откако по пресврт ја совлада Словенија со резултат 23-27 (14-11). Со овој пораз Словенија остана без понатамошен пласман, додека скандинавската селекција се искачи на лидерската позиција и сега чека исход од дуелот меѓу Норвешка и Германија.
Словенечките ракометарки, кои до ова коло забележаа само една победа (Јужна Кореја), мотивирано го отвори мечот со фаворизираниот ривал. Елизабет Омореги беше нерешлива енигма за Швеѓанките во првото полувреме. 27-годишната Нигеријка, родена во Атина, која претходно настапуваше за Бугарија, одигра брилијантно и беше авторка на шест гола до полувремето. Благодарение на нејзиниот перформанс Словенија на пауза замина со предност од три гола разлика (14-11).
На стартот од вториот дел словенечките ракометарки продолжија со одличната игра и се искачија на максимални +4, но во вистински момент Шведска ја покажа својата сила и влезе во серија која што беше одлучувачка за победникот на натпреварот. По 17-13 Словенија постигна само два гола, додека Шведска единаесет , „жолто-сините“ поведоа со 19-24 и во продолжение рутински го одведоа натпреварот до крај.
Омореги, по шесте гола во првото полувреме, во второто постигна уште три и беше најпрецизна на паркетот, додека за Шведска се истакна Хагман со пет погодоци.