Олимпискиот против светскиот првак: Франција стои на патот на данскиот сон за светска титула

Данска Франција

Првото полуфинале на денешната програма на Светското првенство ќе донесе мега дуел помеѓу двете ракометни сили, Данска и Франција. Тие ќе одлучуваат за првиот патник во големото финале кое се игра в недела.

Меѓусебно имаат одиграно голем број на важни мечеви на големите натпреварувања. Досега се сретнале 16 пати, а последниот дуел датира од Европското првенство минатата година кога Данците го загубија мечот за бронзен медал. Две години претходно, во финалниот меч на Олимписките игри, скандинавците им застанаа на патот на „триколорите“ и спречија нивно трето славје во низа. Сепак, избраниците на Дидие Динар имаат предност со десет победи, наспроти шесте порази против данската репрезентација.

Она што им недостасува на Данците е златен медал на Мундијалите, а оваа година имаат одлична шанса конечно да се израдуваат на ова одличје пред своите гледачи. По еден меч во Копенхаген и седум во Хернинг, домашниот тим ќе се пресели во Хамбург и за првпат ќе настапи надвор од својата држава.

Французите ја бранат титулата од пред две години на домашен терен и се рекордери со шест светски титули во својата историја. Тие немаат загубено полуфинале на СП од 2007 година, што се лоши вести за Микел Хансен и неговите соиграчи. Фаворитската улога е на страна на Данска која во своите редови го има најдобриот стрелец на турнирот Хансен и најдобриот голман Никлас Ландин кој има 39% успешност на голот.

Првото полуфинале во „Барклајкард Арена“ започнува во 17:30 часот.