• Иван Димовски
Ракометарите на Еурофарм Пелистер го кренаа пехарот за шампионот во Суперлигата на Македонија. Натпреварот против Тиквеш во Битола беше практично ревијален, меѓутоа и во него пелистеци запишаа победа, па славјето продолжи во салата „Боро Чурлевски“.
Пред официјалната церемонија и доделувањето на медалите и трофејот, своето гледиште за сезоната го изнесе Гоце Ојлески.
„Денес имавме прекрасен дел во Битола. Оваа публика во текот на целиот ден со еуфорија чекаше да оствариме победа, да го вратиме шампионскиот пехар по толку години. Битола заслужи ваков спектакл. Сигурен сум дека на сите им значи трофејот. Секоја година откако сум тука, целта била да се врати титулата. Мислам дека сите заедно да се радуваме. Ова беше тешка сезона, имаше победи и порази, ама мислам дека заслужено сме тука. Пресуди трпеливоста, го дочекавме моментот. По поразот на Вардар од Алкалоид останавме на земја. Знаевме дека работата не е завршена, дека може да ја вратиме титулата и верувавме во тоа. Посакувавме да дојдеме до успехот и успеавме“, изјави Ојлески.
Еурофарм Пелистер продолжува да слави, во градот на конзулите беше организирана и прослава на плоштадот, а сега следува одмор. Сепак, управата веројатно веќе од утре ќе почне да размислува на идната сезона и настапите во Лигата на шампионите.