Ојлески: Минавме одлични припреми, формата ќе оди во нагорна линија

Јавноста делува поделено околу фаворитската улога на Еурофарм Пелистер или Вардар 1961 во новата ракометна Суперлига која стартува за пет недели. Ако шампионот е непознаница заради големите проблеми, суспензии и заминувања, во Битола работат во мир и по планот за развој на својот проект.

Денес во Маврово заврши втората фаза од подготовките, онаа најтешката. Крилото Гоце Ојлески смета дека тимот заврши голема работа во оваа фаза, но вистинските квалитети треба да се видат на контролните натпревари кои следуваат. 

„Маврово секоја година го посетуваме. Тука има одлични услови за работа, температурата е одлична. Ние тренираме напорно, имаме поинтензивни тренинзи со новиот тренер. Припремите течат одлично.

Првиот дел беше физичка подтовеност, сега во вториот ќе се воигруваме за натпреварите кои ни следат. Добредојден е турнирот во Струга, каде ќе видиме како ќе играме. Ни следи и натпреварот со Мешков Брест, каде влогот е голем – пласман на СЕХА завршницата. Полека ќе биде сè во ред и формата ќе оди во нагорна линија. Имаме доста нови играчи, доста млади ракометари и ќе ни треба повеќе работа и повеќе воигрување“, смета искусното крило на Еурофарм Пелистер.

Првиот контролен натпревар Еурофарм Пелистер ќе го одигра следниот викенд против „помладиот брат“, Еурофарм Пелистер 2.